Уставниот суд е независна институција, вели Кацарска

by Fokus

Уставниот суд е со четири судии помалку од предвиденото и оваа состојба трае повеќе од шест месеци. Со ваква ситуација Судот се соочува за првпат и со секој поминат ден граѓаните трпат штети, бидејќи нивни иницијативи и предмети се одложуваат, а Судот не може да одлучува, изјави денеска претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, по денешниот работен состанок со претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Доколу до декември не се изберат судии, Кацарска рече, дека тогаш дефинитивно Уставниот суд е блокиран зошто со четворица судии нема да може да работи и одлучува.

Оваа состојба, нагласи Кацарска, не е проблем само за Уставниот суд, туку и на државата и очекувам поддршка и нивна заложба за побрзо надминување на ситуацијата.

–  Уставниот суд е независна институција и токму поради намерата да се заштити независноста и угледот на судот, неформални средби со политичари немаме и нема да има ниту во иднина. Затоа ќе ја информираме јавноста за секоја промена и сите апели и барања за поддршка, изјави Кацарска.

Уставниот суд, според Кацарска, функционира на граница од кворум и многу луѓе се засегнати од предметите кои заостануваат, како што е законите за социјална заштита, за јавно обвинителство, за даноци и одлуки за оспорување на ДУП-ови.

– Овој проблем е на штета на граѓаните. Состојбата е проблематична и во очите на меѓународната заедница. Апелирам Уставот да се почитува. Важни прашања, како што се Указот за прогласувањето на Преспанскиот договор и Законот за јазиците нема да бидат ставени на дневен ред на седница се додека не се изберат сите девет судии во Уставниот суд, изјави Кацарска.

Поврзани новости