Уставни измени до завршување на скринингот за да продолжиме со преговорите, порача Маричиќ

by Фокус

Се уште немаме утврдено календар или динамика за уставите измени со кои во Преамбулата на Уставот треба да ги внесеме Бугарите и другите заинтересирани заедници, но тоа треба да го завршиме најдоцна до крајот на процесот на скринингот и од нас ќе зависи дали ќе застанеме тука или ќе продолжиме со преговорите по поглавјата и кластерите, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

-Внимателно ќе ги разгледаме околностите и начинот на кој што би го отвориле дијалогот во Собранието и целта на отворање на процесот на уставните измени е тие да завршат успешно. Во моментот кога ќе тргне дијалогот во Собранието и меѓу политичките партии, ќе го утврдиме ова прашање, а тоа секако ќе биде по летниот одмор на Собранието и ќе може тогаш да говориме за точен календар. Нам ни е најважно ниту да одиме пребрзо, ниту да доцниме – рече Маричиќ.

Тој потенцира дека уставните измени се важни за да можеме да го продолжиме процесот на преговори, без дополнителни политички одлуки на Советот на ЕУ, потенцирајќи дека во однос на ова прашање ќе бидат консултирани експерти по уставно право, кои учествувале и во претходните фази од измените на Уставот.

-Секако, дека тој процес ќе започне со иницијатива на Владата за уставни измени, како што започна и за Преспанскиот договор. Во моментот кога ќе се утврди текстот и потребата, ќе тргнеме во тој процес, но најважно е да создадеме една атмосфера во која што нема да се повтори онаа слика од Собранието од минатата недела, која што не овозможуваше ниту услови за дијалог, ниту за нормална размена на аргументи – истакна Маричиќ.

Тој потенцира дека немаме рок за спроведување на уставните измени, а датумот ноември 2023 е утврден како временска рамка за завршување на скринингот.

-Дали ќе го направиме тоа до ноември 2023 или по ноември 2023 зависи од нас и од расположението во Собранието. Мислам дека наш интерес е тоа да се случи што побрзо за да го тргнеме како задача и да немаме друга задача до наредната меѓувладина конференција – истакна вицепремиерот.

Поврзани новости