Уставен утврди повреда на слободата на изразување на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, во Собранието на 27 април

Слободата на медиумите како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашањата од јавен интерес. Сето ова претставува предуслов на постоење на демократско општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење, соопштија од Судот.

by Фокус

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која се утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, сторена со две пресуди – една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје исто така од 2021 година, информираат од Судот. Според Уставниот суд, во двете пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразување на Стојановски како новинар на „Фокус“, за време на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

„Појдовна основа за заземањето на овој став на Судот е тоа што слободата на медиумите како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашањата од јавен интерес.

 

Сето ова претставува предуслов на постоење на демократско општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење.

 

Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес“, соопштија од Судот.

Од таму додаваат дека наведените околности се важни и релевантни, но не се земени во предвид од страна на надлежните судови кои одлучувале по барање на подносителот. Воедно, посочуваат дека нивната одлука е деклараторна и барателот Стојановски ќе може неговите права да ги оствари пред надлежните судови.

Ваквата одлука на највисокиот суд следува откако претходно, на седницата на 18-ти јануари годинава, во текот на советувањето и гласањето на судиите го усогласија ставот дека со пресудите на Основниот граѓански суд Скопје и на Апелациониот суд е направена повреда на неговите права.

Но, Уставниот суд тогаш немаше мнозинство гласови (најмалку 5 гласа „за”), за сите точки кои го сочинуваат конечниот предлог, а се однесуваат на правната судбина на двете пресуди. Затоа денес повторно беше ставен на гласање и се донесе ваква одлука.

Уставен суд утврди повреда на правата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, за време на „27 април“

Инаку, се работи за предметот во кој подносителот Стојановски бара да се утврдат повреди на уставно загарантираните слободи и права, кои, според него, се направени со пресуди на Основниот граѓански суд и Апелациониот суд Скопје. Во неговата иницијатива се наведуваше дека со пресудите на двата суда е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права.

Според него, државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле, односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство).

Граѓанскиот суд го одбил Стојановски со образложение дека членот 10 од ЕКЧП се однесувал на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство како што бил настанот на 27.04.2017 година.

Поврзани новости