Функционерите кои си поднеле оставка или биле разрешени нема да можат да земат апанажа. Уставниот суд денеска го укина членот 22 од Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица.
На 7 декември, Уставниот суд одлучи да поведе постапка и изрази сомнеж во уставноста на членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица, откако пред него беа оспорени членовите 19, 20, 21, 22, 23, 24 и 25 од овој закон.
Во членот за кој е поведена постапка е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата.
Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот.
Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 19, 20, 21, 23, 24 и 25 од Законот означен во точката 1 од ова решение и одлучи да ја отфрли иницијативата по однос на барањето за оцена на меѓусебната согласност на одредбите означени во точките 1 и 2 од ова решение со членовите 105, 106 и 113 од Законот за работни односи.
За функцијата прв вицепремиер, иницијативата ја поднесе политичката партија „Левица“, а во неа се наведува дека законот за Влада дозволува премиерот да именува свои заменици од редовите на министри, но дека не се дозволува рангирање на вицепремиерите од типот „прв“, „втор“, „трет“ и слично.