Уставниот суд нема да ги коментира политичките изјави и реакции кои доаѓаат во пресрет на седницата закажана за в среда на која треба да се разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците. Ставот на Уставен доаѓа по денешното соопштение на Демократската унија за интеграција, во кое од партијата предупредија дека ако се укине Законот, последиците ќе бидат непоправливи и тие нема да можат да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа.
„Судот нема да коментира ничии ставови. Седницата на која ќе се дискутира за Законот за употреба на јазиците е закажана за 11 декември. По завршување на седницата ќе се одржи редовна прес-конференција на која ќе биде одговорено на сите прашања“, велат од Уставен суд.
Инаку, од ДУИ денеска рекоа дека укинувањето на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку директен удар врз стабилноста и мирот на државата.
„Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и заемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина“, велат од Демократската унија за интеграција.
Оттаму посочија дека уставните судии од албанска етничка припадност јавно изјавиле дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување, што, според партијата, го прави уште поопасно едностраното решение за укинување на одредбите од Законот за јазиците.
„Овој бојкот е јасен показател дека ваквите напори за укинување на 10 члена од овој закон имаат длабоко дискриминаторска природа и целат на ‘поништување’ на албанскиот јазик на институционално ниво“, додаваат од партијата.