Функцијата потпретседател на Влада не постои во правниот поредок на Република Македонија, велат од Уставниот суд образложувајќи ја одлуката да се укине коефициентот со кој се пресметува платата на петте вицепремиери, Кочо Анѓушев, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Хазби Лика.
Со оваа одлука висината на нивната плата ќе се пресметува по коефицинт 3.70 од просечната плата, како што е случајот со останатите министри, наместо со коефициент 4.00 како што беше до сега.
„Со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци, се определува коефициентот за плата на потпреседател на Владата што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека ваквата законска регулатива е нејасна и неприменлива и не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија“, стои во одлуката на Уставниот суд.
Иницијативата по која одлучуваше Уставен суд е на партијата Левица. Од таму велат дека со ова ќе се заштедат околу 10.000 евра во буџетот, пари, кои, велат, може да се искористат за други работи.
Инаку, вицепремиерите земаат плата за околу 150 евра помала од премиерот. Платата на Османи, Лика, Шекеринска, Анѓушев и Спасовски изнесува 1.156 евра. Платата на министрите, пак, е во висина од 1.070 евра.