Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот за електронски комуникации.
Оспорените одредби од Законот за кои денеска расправаа уставните судии им наложуваат на телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци без за тоа да има судска одлука, како и тоа дека операторите се должни овие податоци по претходно барање да им ги достават на надлежните органи под услови и постапка утврдени со закон.
Уставните судии одлучија на Собранието да му дадат рок од шест месеци да ги уреди овие одредби, а доколку тоа не го направи, тие ќе бидат укинати или поништени, пренесува МИА.
На расправата по однос на иницијативата, судиите кои дискутираа беа согласни дека одредбите како што се сега дефинирани се неуставни и посочија дека е неопходно уредување на оваа регулатива.
Судија известител за овој предмет беше Татјана Васиќ-Бозаџиева, која на расправата посочи дека во случајот станува збор за задржување на мета податоци кои не ја откриваат содржината на пораките и комуникацијата.
-Станува збор за метаподатоци, а не за содржината на пораките. Се открива испраќач, примач, локација. Метаподатоците не се податоци кои зборуваат за содржината, тоа е друг закон, Закон за следење на комуникации, појасни Васиќ-Бозаџиева.
Мерката за задржување на податоците, според неа, претставува ограничување на уставното право за неповредливост на писмата и други начини на комуникација.
И според уставниот судија Осман Кадриу ваквата регулатива дијаметрално отстапува од она што е пропишано во Уставот.
Вака како што уредено, задржувањето на податоците да се врши само по налог на државниот орган, без да има одлука на суд, секогаш претставува можност правата на човекот да бидат повредени.
-Затоа што државниот орган без критериуми може да ги активира овие механизми кога тој ќе смета дека тоа е потребно, рече Кадриу дополнувајќи дека ќе го поддржи предлогот за поведување постапка.
Судијката Добрила Кацарска посочи дека, според неа, е небулозно некои податоци да се бришат за 12 месеци, а оние до кои некои органи имаат пристап да немаат рок до кога ќе се чуваат.
-Не може да има чување на податоци без судот да даде одобрение. Не може тоа да биде ретроактивно, некој да ги чува тие податоци, а судот да се произнесе после извесен период. Без вклученост на судот не може никој никого да следи, рече Кацарска.
Уставните судии во текот на расправата дискутираа дали мета податоците се важни за безбедноста на државата, како ќе влијае укинувањето на можноста за нивно прибирање и дали тоа би довело до пречки во постапување на органите на прогон.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски предложи согласно Актот (на Уставниот суд), на законодавниот дом да му се даде рок од шест месеци за уредување на регулативата.
-Не знам дали законодавецот ќе биде ревносен, што ќе значи нашата укинувачка одлука, дали тие мета податоци се важни за безбедноста на државата. Да ја употребиме новата можност од Актот, со поведување на постапката да му наложиме на Собранието рок од шест месеци да ја уреди регулативата, рече тој.
Инаку, во иницијативата по која денеска Уставниот суд одлучи да поведе постапка се оспорени членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронски комуникации.
Подносителите сметаат дека оспорените одредби од Законот не содржат доволно гаранции против евентуална злоупотреба од страна на овластениот орган со дадената техничка можност за континуирано и самостојно следење на електронските комуникации на граѓаните, како и при прибирањето на потребните податоци во врска со остварена комуникација.
Во отсуство на јасни законски одредби во врска со следењето на комуникациите, според нив, постои ризик за создавање неограничена моќ што е во спротивност со принципот на владеењето на правото и човековите права на приватност и заштита на личните податоци.
Подносители на иницијативата се Евротинк – центар за европски стратегии, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Асоцијација за развојни иницијативи – Зенит Скопје, Форум за истражување на безбедносни политики – Секуритас и професор д-р Трпе Стојановски.