Уставниот суд поведе постапка по член 12 од Законот за изградба на делници од коридорите 8 и 10. Со тој закон се утврдува како стратешки партнер американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка” за реализација на проектите за изградба на делницата Тетово – Гостивар – Букојчани и за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8, како и на делницата на автопатот Прилеп – Битола на Коридорот 10.
Судиите едногласно на дискусијата ги искажаа нивните ставови дека тој член е неуставен и е на штета на работниците. Со член 12 се регулира дека работното време на работниците ангажирани за изградба на Коридорите „може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”.
Судијката известител Вангелина Маркудова смета дека 60 работни часа редовно во текот на годината во секакви временски услови, на што всушност и овој член укажува и дека работното време може да трае и подолго од 60 часа, може да доведе до повредување на работните права.
-Овој член очигледно ги повредува начело за уставност на законите и меѓународните конвенции. Би можело да се доведе до сомнение со владеењето на правото и затоа барам поведување на постапка, рече Маркудова на седницата.
Претседателката на Уставен суд, судијката Добрила Кацарска смета дека со овој закон не требало воопшто да се споменуваат тие 60 работни часа бидејќи, како што рече, од друга страна пак во Законот за работни односи е точно разработено што претставува прекувремена работа, а во Република Сeверна Македонија сите овие права на работниците се опфатени со Закон за работни односи и колективни договори. – Неспорно е дека треба да се поведе постапка и да се укине, додаде Кацарска.
Според судијата Дарко Костадиновски, одредбата може да се доведе во сомнение со уставноста и затоа, како што рече, го поддржува предлогот за поведување на постапката.
– Работното време предвидено да биде 60 часа во просек кога постои градежна сезона упатува дека ќе биде и подолго од 60 часа и тука се доведува во прашање работната сила на работниците, што значи ќе се работи „од утро до мрак”, а кај нас да потсетиме дека присилната работа не се дозволува туку се санкционира, истакна судијата Осман Кадриу.
Подносители на иницијативата се Сојуз на синдикатите на Македонија – ССМ претставуван од претседателот Дарко Димовски и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија претставуван од претседателот Иван Пешевски, како и Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Штип, претставувано од претседателот на здужението Кристина Ампева
Според наводите на подносителите на иницијативата од ССМ и СГИПРМ оспорениот член 12 од Законот е во спротивност со членот 8, 9, 32, 34 и 35 од Уставот и член 4, член 116 и 117 од Законот за работните односи; член 36 став 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството како и со член 2 од Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови клаузули (јавни договори) 1949.
Подносителот наведува дека во оспорениот член се предвидува дека стратешкиот парнер имал целосно право да го организира и распоредува работното време на работниците кои ќе биле ангажирани на проектот со можност работното време за секој поединечен работник во просек да трае 60 часа неделно во текот на годината.
Според наводите во иницијативата на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“, оспорената одредба од член 12 од Законот не е во согласност со членот 32 од Уставот, со членот 116 од Законот за работните односи, Конвенцијата бр.14 за неделен одмор (во индустријата) 1921, ратификувана 17.11.1991 год. и Конвенцијата за неделен одмор (трговија и канцеларии 1957), (бр.106). Подносителот наведува дека одредбата се коси со уставните и законските норми што го уредуваат правото на неделен одмор на работниците.
Според подносителот, оспорената одредба е правно неиздржана, во делот: „во просек 60 часа неделно во текот на годината“. Во иницијативата се наведува дека овој дел предизвикува правна несигурност и е во спротивност на уставните и законските норми коишто го регулираат работното време на работниците и правото на неделен одмор.