Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на политичката партија Левица, со која беа оспорени одредби од Изборниот законик што се однесуваат на распределбата на средствата и медиумскиот простор за платено политичко рекламирање во изборните кампањи.
Одлуката е донесена со мнозинство гласови, а дел од судиите останале на ставот дека станува збор за прашање за кое Уставниот суд веќе одлучувал во минатото, односно за „пресудена работа“.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по денешната седница изјави дека дел од судиите останале доследни на претходно заземениот став дека за истите законски одредби веќе била направена уставно-судска оцена.
Костадиновски, сепак, посочи дека неговиот личен став е поинаков и дека смета оти оспорените законски решенија создаваат нееднакви услови за политичките субјекти.
Тој потсети дека и претходно го изнел ставот дека ваквите одредби од Изборниот законик отвораат прашања во однос на политичкиот плурализам и еднаквоста на учесниците во изборниот процес.
Според Костадиновски, проблематичен е и критериумот според кој распределбата на буџетските средства за политичко рекламирање се врзува со резултатите од претходните избори. Како пример го посочи случајот кога меѓу два изборни циклуса ќе биде формирана нова политичка партија, која според таквиот модел би се нашла во понеповолна положба во однос на партиите што веќе учествувале на избори.
Иницијативите што денеска беа пред Уставниот суд ги поднесоа Левица и Демократи, а се однесуваат на повеќе одредби од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање. Во иницијативата на Левица се тврди дека постојниот модел создава дискриминаторски пристап во достапноста на медиумскиот простор и распределбата на јавните средства.
Според Левица, начинот на кој одредбите се применуваат во практика им овозможува најголем дел од времето и средствата да им припаднат на најголемите партии од власта и опозицијата, додека другите политички субјекти се доведуваат во понеповолна положба.
По одлуката на Уставниот суд, од Левица реагираа со критики, оценувајќи дека Судот не го разгледал суштински нивното тврдење за дискриминација при политичкото рекламирање.
Од партијата сметаат дека актуелната фактичка состојба се разликува од онаа за која Уставниот суд одлучувал претходно. Како аргумент го наведуваат фактот дека на локалните избори во 2025 година Левица, иако парламентарна партија со своја пратеничка група, останала без пристап до платеното политичко рекламирање според применетиот модел.
Левица тврди дека токму ова претставува нова околност која, според нив, требало повторно да биде разгледана од Уставниот суд, наместо предметот да се третира како веќе пресудена работа.
Од партијата најавија дека ќе продолжат да го отвораат прашањето за еднаквите услови за политички натпревар и начинот на кој се распределуваат медиумскиот простор и јавните средства за изборните кампањи.