Специјалниот закон за градење на автопатите не е законодавно-правен преседан и не значи повреда на владеењето на правото, нема ризик од корупција и законот не ја загрозува слободата на пазарот.
Ова накратко го утврдил Уставниот суд, кој во јавно објавено решение опширно образложува зошто иницијативата на Антикорупциската комисија е неоснована, па затоа одлучиле да не поведат постапка за специјалниот закон што го изгласа Собранието, а кој му овозможува на конзорциумот „Бехтел и Енка“ да гради автопати во Македонија.
За уставните судии неосновани се наводите дека законот претставува висок ризик-фактор на корупција и судир на интереси, бидејќи во оспорениот закон не е отфрлена прекршочната и кривичната одговорност за учесниците во постапката.
Исто така, за нив оспорениот закон не ја загрозува слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи државата се јавувала како субјект на пазарот кој номинира стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на автопатите, а не како регулатор на пазарот кој обезбедува еднаква положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба.
-Наводите во иницијативата дека имало правна празнина – недореченост во однос на составот, квалификациите и стручното портфолио на членовите на Комитетот за преговори, всушност претставуваат барање за изменување или дополнување на Законот со нова содржина, што е прашање од надлежност на законодавецот.
Уставниот суд, во рамките на своите уставно определени надлежности, ја оценува уставноста и законитоста на прописите во правниот поредок, во која смисла ја оценува уставноста на одредбите од оспорениот закон коишто се содржани во истиот, но нема надлежност да оценува за тоа што Законот не содржел, а требало да содржи според мислењето на подносителот на иницијативата, пишува во решението на Уставниот суд.
Судиите не гледаат проблем ниту во носењето на законот по скратена постапка, бидејќи тоа го овозможувал Деловникот на Собранието.
-Имајќи ја предвид уставно пропишаната надлежност на Уставниот суд, предмет на уставно-судска анализа при оценката на уставноста на постапката за донесување на конкретен закон може да биде само прашањето дали тој закон во фазата на гласање го добил потребното, со Устав предвидено мнозинство гласови или не.
Уставниот суд нема надлежност да цени дали постапката за донесување на оспорениот закон е во согласност со Деловникот на Собранието или со други одлуки, резолуции, препораки и заклучоци на Собранието, се додава во решението.
Одлуката е изгласана со мнозинство гласови.