Веќе со години голем дел од пратениците, освен патни трошоци, кои за еден месец може да достигнат и 1.000 евра, добиваат и државни пари за да ги платат патарините кои ги поминуваат за да дојдат до работното место. Но, она што паѓа во очи е дека оваа дополнителна привлегија пратениците не ја добиле преку закон или колективен договор, туку со одлука на една од Собраниските комисии.
Токму тоа го вклучило алармот во Левица и до Уставниот суд поднеле иницијатива со кој бараат ваквото право на пратениците да се поништи или укине, бидејќи за него нема законски основ.
Во образложението на иницијативата се наведува неколку членови од Уставот, според кои „Остварувањето на правта на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“ и „Пратеникот има право на надомест утврден со закон“. Поточно имплицираат дека вакво право не е предвидено да се уреди со подзаконски акт, како што било сторено во случајот.
Исто така наведуваат и дека ваквата привилегија се коси со неколку законски одредби од Законот за пратеници и Законот за Собранието. Таму прецизно се наведени финансиските привилегии на народните избраници, меѓу кои не се споменати трошоци за патарини.
Дополнителната привилегија за добивање и на трошоци за патарините е донесена на 3 октомври 2006 година, од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со назив „Одлука за висината на надоместоците на пратениците за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина“.
Според Левица, Собранието, односно комисијата, со носењето на ваквата одлука направила злоупотреба.
„Со носење на оспорената комисиска одлука, донесена на седница на кадровско работно тело составено од само 13 пратеници, кое без никаков уставен основ излегува од рамките дадени со Уставот, како највисок и врвен правен акт во Репубиката (lex superioris), предвидувајќи надоместок на трошоците за патарина кој воопшто не е ниту уставно, ниту законски предвиден – прави класично ultra vires проширување на правата на пратениците и врши каприциозна и дрска злоупотреба на сопствената материјална надлежност“, се појаснува во иницијативата.
Се додава и дека нема простор за никаква можна интервенција преку подзаконски правен акт во сферата на трудовото и парламентарното право, со кој малициозно би се дерогирал или изместувал постојниот јавно-правен поредок, утврден со националната легислатива, но и со ратификуваните меѓународни договори. Можело да биде поинаку уредено, но не е.
Пишува
Валентина ВУРМО
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК