Уставен ќе ги спаси сите обвинети од СЈО ако го поништи членот 11-а, а пресудите и обвиненијата ќе завршат во ѓубре!

by fokus

Уставниот суд одлучи на дневен ред да ја стави иницијативата за член 11-а од Законот за помилување од 2016 година, поради што повторно оживеaја сомнежите дека се прави обид за воскреснување на спорната аболиција на Ѓорге Иванов, со што од кривичен прогон би се спасиле речиси сите кои беа обвинети и осомничени од СЈО.

Кога пред неколку години Иванов ги аболицираше осомничените, од кои повеќето беа поранешни високи функционери, се повика на членот 11 од Законот за помилување. Тогаш на нозе се крена стручната јавност, која посочи дека овој член е избришан од правниот поредок, и дека не може да се воскресне мртов член.

Членот 11 беше „жив“ се до 2009 година Законот за помилување, кога беа донесени законски измени, со кои беше избришан членот 11, а беа додадени и 4 кривични дела за кои не може да се даде помилување. По поднесена иницијатива во 2016 година Уставниот суд ги укина сите измени и дополнувања од 2009 година. Претседателот Иванов и неговиот експертски тим ова го протолкува како враќање на веќе еднаш избришаниот член. И покрај оваа манипулација, на мртвиот член беше додаден и нов, член 11-а, со кој претседателот ја поништи аболицијата.

За Уставниот суд нема дилема околу членот 11. За нив тој сѐ уште е дел од правниот поредок, односно аболицијата која ја дали екс претседателот Иванов била уставна.

-Кога во 2016 гогина законодавецот напишал дека на членот 11 се додава членот 11-а, нема дилема дека тој е во правниот поредок. Постои сомнеж дека членот 11-а е неуставен, поради што е и е поведена постапка, велат од Уставниот суд за „Фокус“.

Клучниот момент е дали членот 11-а ќе се поништи или укине. Доколку се поништи сите обвинети и осомничени екс функционери од СЈО ќе се спасат, односно ќе настане правен хаос. Ќе се поништат веќе донесени пресуди, ќе се ослободат од кривичен прогон оние што се обвинети и осомничени, а може на крајот да побараат и обештетување. Доколку пак членот се укине, тогаш ќе нема спас за Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и сите други што беа аболицирани.

Поточно, со поништување на член, ретроактивно се поништуваат и сите последици кои претходно биле предизвикани, односно нема да важи поништувањето на аболицијата и таа ќе оживее. Доколку пак членот биде укинат, тогаш од тој момент па во иднина нема да важи, или актуелниот претседател Стево Пендаровски и неговите идни наследници нема да можат да поништат веќе еднаш дадена аболиција.

Одлуката на уставните судии ќе биде позната за месец дена, кога судиите ќе треба да гласаат за укинување или поништување на членот 11-а.

Валентина Вурмо

 

 

 

Поврзани новости