Уставниот суд на денешната седница одлучи да ја укине одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Градска Четврт 3 04, Блок 04.05 на Општина Карпош.
Христина Беловска – портпаролката на Уставен суд на брифинг со медиумите информираше дека Судот од утврдената фактичка состојба и анализирана документација, утврдил дека ДУП-от е неусогласен со ГУП-от, бидејќи се предвидува изградба на бензинска станица, која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти.
Беше кажано дека на просторот каде се планира изградбата на бензинска пумпа е коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура.
Уставен оцени дека со вака донесената одлука на Општина Карпош, се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, кои што се предвидени во Уставот. Но, исто така, направена е и повреда од членот 4 од Законот за урбанистичко планирање, бидејќи донесениот ДУП не е во согласност со ГУП-от, изјави Беловска.
Уставниот суд за ова прашање одлучуваше по поднесена иницијатива од Наташа Шурбановска на 3 април 2022 година.