Уставен го укина членот кој предвидуваше 60 работни часа на изградба на автопатите

by fokus

Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), со кој меѓу другото беше предвидено дека работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината, информираат од ССМ.

Оваа одлука Уставниот суд ја донесе врз основа на иницијативата поднесена на 28 декември 2021 година од Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво,индустрија и проектирање, кој функционира во составот на ССМ.

-Влада на Република Северна Македонија, градежните работници сакаше да ги направи робови, а Министерство за труд и социјална политика го дозволи тоа без ова решение да се разгледува на Економско социјалниот совет. ССМ брзо и ефикасно реагираше со поднесување на иницијатива која беше прифатена и спорниот член од законот е укинат од Уставниот суд со што неправдата врз работниците е исправена, велат од ССМ.

-Нема да може да градите политика на грбот на работниците, така било и така и ќе остане. Ве потсетуваме дека не е добро да сте на спротивната страна од работниците. Заради погубните политики, 138.000 работници ви се на генерален штрајк. Работничката борба продолжува, и порачаа од ССМ на Владата.

Поврзани новости