Успешно заврши првата академија Инфинум тројца кандидати добија и вработување

by Fokus

Од 250 пријавени кандидати, 24 беа примени, а тројца добија и вработување на првата петнеделна бесплатна едукативна програма во Македонија наменета за студенти, но и за сите што сакаат да научат како да креираат апликации за паметни телефони. За да се квалификуваат на Инфинум академијата, апликантите требаше да поминат приемен испит.

– Предавањата во склоп на Академијата беа одлично организирани, лично сум презадоволна од подготвеноста на предавачите и од начинот на кој тие ни го пренесуваа своето знаење. Многу ми помогна што за време на предавањата користеа и кодирање во живо (live coding) за да ни покажат како во практика да го искористиме новоизучениот материјал. Интересно беше што од самиот почеток на Академијата работевме на ист проект – апликација, каде што по секое предавање, преку домашните задачи, го применувавме наученото имплементирајќи нови функционалности во апликацијата. Навистина е убаво чувството кога на крајот ќе го видите финалниот продукт – апликацијата, која постепено сте ја создавале и ќе сфатите колку многу сте успеале да научите за само еден месец – вели студентката Кристина Конева, која беше дел од Академијата.

Таа додава дека не би можела да замисли подобар начин за почеток на нејзината кариера затоа што по завршувањето на Академијата, Инфинум ѝ ја понуди можноста да стане дел од нивниот Андроид тим и на тој начин добиеното знаење ќе го примени во практика, работејќи, како што вели, на реални проекти во уникатна и пријатна работна средина.

Од 2015 година, досега повеќе од 380 студенти од Хрватска, Словенија и од Црна Гора успешно дипломираа на Академијата. Програмата доби повеќе признанија и награди за нејзиното влијание и придонес кон заедницата.

– Основавме Инфинум академија за да им помогнеме на студентите и на дипломираните инженери во подобрување на нивните вештини во дизајнирање и развој на модерен софтвер. Курсевите опфаќаа теорија, но поголемиот дел од времето на студентите им беше посветено на практични задачи. Веќе започнуваме со подготовки на втората Инфинум академија која ќе се одржи во првата половина на 2023 година. Точниот датум за пријавување ќе биде дополнително соопштен, а во меѓувреме сите заинтересирани кандидати може да се информираат преку https://academy.infinum.com/. Среќен сум што во Македонија има голем интерес и квалитетни кадри, со кои можеме да работиме и да им ги пренесеме знаењата и искуствата – потенцира Ѓорги Ќосев, директор на Инфинум Македонија.

Според студентката на Академијата Тамара Андоновска, денес се ретки компаниите како Инфинум каде што вработените несебично вложуваат труд во едукација и насочување почетници во светот на технологијата.

– Академијата ми помогна да сфатам колку брзо можам да употребам знаење што само што сум го стекнала. Ме научи како да наоѓам решенија за проблеми со кои се сретнувам првпат или да разберам туѓи решенија. Би рекла дека сум посигурна во себе и тоа колку можам да научам. Сметам дека тоа е најважно – да бидеш спремен да учиш постојано, затоа што секогаш има нешто ново за учење – вели таа.

Во текот на годините, повеќе од 100 дипломирани студенти од Академијата се вработија во Инфинум, а некои од нив сега се на високи позиции во компанијата. Студентите можеа да изберат меѓу курсевите за iOS и за Android и да учат од најдобрите инженери на Инфинум. Опрема на „Епл“ беше обезбедена за студентите што избраа курс за iOS.

Поврзани новости