Организаторот на играта на Вардар, Сташ Скубе, имаше голема засулга за саботната победа над Мотор Запорожје со 38:28 во 12. коло од Б-групата на Лигата на шампионите.
Словенецот постигна осум голови и заслужено се најде во идеалниот тим на колото во изборот на ЕХФ.
Во друштво на Скубе во ова коло се:
левото крило – Уго Деска (Монпелје)
лев бек – Жоан Канелјас (ПИК Сегед),
десен бек – Алекс Душебаев (Кјелце)
десно крило – Мариус Штајнхаузер (Флензбург)
пивотмен – Хенрик Пекелер (Кил),
голман – Андреас Вулф (Кјелце).
Место за индивидуална награда во ова коло имаше и за Тимур Дибиров.
Тој беше во изборот на најдобар гол, и според ЕХФ токму неговиот беше најатрактивен. Доби топка од Скубе, а рускиот репрезентативец влезе на 6 метри и во скок го измами голманот постигнувајќи атрактивен гол.
По 12 одиграни натпревари Вардар е на петтото место и веќе има обезбедено место во осминафиналето во елитното ракометно натпреварување.