Условни казни за упадот во М-НАВ – нема докази за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај

by Fokus

Обвинетите за упадот во Македонската навигација кои на почетокот на годинава предводени од поранешниот министер за економија и претседател на огранокот на ДУИ од Чаир, Беким Незири, се спогодиле со обвинителството па така седуммина од нив се осудени на условни казни, а еден е ослободен од обвинение.

-Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе пресуди врз основа на предлог-спогодби со седум лица обвинети како соизвршители на кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. На шестмина од обвинетите за стореното кривично дело им е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година и шест месеци по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. За еден обвинет, кој преземал потешки дејствија за да го попречи службеното лице и бил претходно осудуван за дело против општата сигурност, изречена е алтернативна мерка – условна осуда со заштитен надзор, односно казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, и истовремено Судот на тој обвинет му одреди и други обврски кои ќе бидат предмет на заштитен надзор, соопшти Обвинителството.

Иако првично, сега осудените се товареа за кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообрачај“, сепак од Обвинителствтото го преквалификувало кривичното дело во „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“.

-Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги склучи предлог- спогодбите по целосно прибирање и анализа на доказниот материјал поврзан со настанот кој се случи на 4 јануари во просториите на М-НАВ, на Меѓународниот аеродром Скопје. Имено, во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални искази од вработени лица во М-НАВ како сведоци на настанот и од оштетеното службено лице, како и извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во критичниот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од меѓународната агенција Еуроконтрол. Овие докази не посочуваат дека во времето на извршување на дејствијата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај и од тие причини повеќе не опстојува кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од Кривичниот законик за што беше поведена истрага, објаснуваат од Обвинителството зошто го преквалификувале делото.

За новото кривично дело надлежниот обвинител побарал и добил согласност од Вишото јавно обвинителство Скопја за промена на правната квалификација. Собрани биле докази дека обвинетите во влегле во објектот на М-НАВ и го прекршиле Правилникот за редот и дисциплината на вработените во навигациското тело и почнале насилнички и навредливо да се однесуваат кон контролорот на лет.

Почнале да се расправаат, настанала турканица меѓу обвинетите и оштетениот, а во еден момент еден од обвинетите му удрил шлаканица на контролорот. По турканиците сите го напуштиле објектот на М-НАВ, конторлорот не се вратил на работоното место, па според обвинителството на тој начин обвинетите го го спречиле во вршење на своите професионални задачи.

-Соочени со доказите за ова кривично дело, обвинетите изразија подготвеност да склучат предлог – спогодба со обвинителството и да ја прифатат осудителната пресуда. При одмерување на определените санкции беа ценети сите околности и дејствијата на секој од осомничените во предметот поединечно, отсуството на трајна последица, како и судската пракса за осуди за вакви кривични дела. За осмиот осомничен опфатен со првичната истрага постапката е запрена, бидејќи тој не учествувал во дејствијата на спречување на службеното лице во вршењето на работите, додаваат од Обвинителството.

Според првичните информации кои беа соопштение непосредно кога се случи инцидентот, Незири со својата картичка им отворил на лицата кои не се вработените во М-НАВ, да влезат во кулата за контрола на летање. Таму, еден од насилниците му удрил бокс на еден од контролорите, по што Незири почнал да му вика и да му се заканува.

Нападот се случил поради тоа што контролори Албанци му дале поддршка на првиот човек на синдикатот, Александар Тасевски.

Инаку, Незири е поранешен министер за економија, ексдиректор во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а сега е вработен во М-НАВ. Тој во 2010 година нападна инструктор во М-НАВ, кој не сакал да му потпише дека ја поминал обуката.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости