Основниот суд во Велес ја прогласи за виновна негувателката од градинката „Димче Мирчев“ од Велес затоа што им давала електронски цигари на децата.
„Постапувајќи по поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Велес, Основниот суд во Велес донесе првостепена пресуда против негувателката во градинка – Злоупотреба на службената положба и овластување 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Вработената е огласена за виновна бидејќи на децата им давала да пробаат електронска цигара и Судот и изрече условна осуда, како и споредна казна забрана за вршење професија дејност или должност во траење од 5 години по правосилноста на пресудата. Надлежниот јавен обвинител поднесе жалба на пресудата поради одлуката за кривичната санкција“, соопштија од ОЈО.
Родители на неколку деца од градинката „Димче Мирчев“ од Велес тврдеа дека негувателка во клонот Дворови им понудила на децата да пробаат од нејзината електронска цигара, а децата пробале од љубопитност.
Настанот се случил на 29 септември кога негувателката останала сама со групата деца во занимална и наводно им понудила да пробаат електронска цигара.
Директорката на градинката „Димче Мирчев“, Маја Велиновска ја суспендираше негувателката и покрена дисциплинска постапка.
Директорката истакна дека вработената направила поголем пропуст.
– Сметам дека сериозноста во една детска установа е голема и сметам дека треба да се повлече поголема одговорност за ова. Факт е дека нешто се случило и дека вработениот направил поголем пропуст, тоа е неминовно. Основна работа на згрижувачите во градинката е грижа за здравјето и безбедноста на сите деца, другото е споредна работа. А доколку ова се докаже дека е така, ова е сериозен прекршок кој не треба да помине така – рече директорката на градинката.
Случајот го осуди и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев кој немаше ингеренции во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ откако тогашната министерка Јована Тренчевска му ги одзеде за наводно попречување на работата на градинките во Велес.
О.К.