Условна казна за Ел Чека за објавувањето „бомби“ на Фејсбук

by fokus

Условна казна затвор од една година, ако во наредните две години не стори ново кривично дело. Ова е пресудата на Кичевскиот Основен суд за кичевчанецот Шеќерим Ахмеди, познат како Ел Чека, јавува Алсат. Веста ја потврди и неговиот адвокат, Бесник Асани.

Во пресудата пишува дека Ел Чека од 29 до 31 мај 2019 година, на социјалната мрежа ФБ, објавил повеќе тонски снимени прислушувани телефонски разговори, со што им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и други неповикани лица да се запознаат со содржината на ваквите разговори. Адвокатот Асани вели дека не се задоволни ниту од пресудата ниту од текот на постапката.

Асани вели дека ќе ја обжали пресудата пред Апелациониот суд во Гостивар.

Во завршните зборови обвинителката Манка Јаневска побара Ел Чека да се прогласи за виновен но при изрекување на кзаната Судот да го има во предвид фактот дека обвинетиот е млад и досега не осудуван. На Ел Чека кој живее во САД, а кој во изминатиот период објави десетина бомби со прислушувани разговори за челници на ДУИ, односно сегашни и поранешни функционери на партијата, му се судеше во отсуство. Инаку, Ел Чека тврдеше дека снимките ги добил од тројца обвинети во Диво Насеље.

Поврзани новости