Двајца од судиите, од Прекршочниот суд, кои беа уапсени во случајот „Јустиција“, добија условна казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку во рок од три години не сторат кривично дело, соопшти Јавното обвинителство.
-Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постигна спогодба со двајца осомничени во предметот Јустиција. Денеска спогодбата е верификувана и од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје, кој согласно договореното со Пресуда на осомничените им изрече условна казна затвор, односно казна затвор од една година која нема да се изврши доколку во рок од три години лицата не сторат кривично дело, велат од Обвинителството од каде што додаваат дека двајцата осудени се поранешни судии, односно сега се во пензија.
Во „Јустиција“, во октомври минатата година, беа уапсени вкупно 12 судии и 11 службеници од судот, бидејќи несовесно постапувале во службата со застарување предмети. Деветемина од судиите добија привремена забрана да ја извршуваат функцијата и да го напуштат живеалиштето. И на тројцата пензионирани судии, им беше забрането да ги напуштаат домовите.
На сите им беше поднесена кривична пријава за несовесно постапување во службата. Имено, според пријавата, тие намерно сокривале предмети кои биле примени во 2010-тата, со цел да измине законскиот рок на застарување. Практично, некои пресуди воопшто не биле предадени на извршување. Проценката е дека го оштетиле државниот буџет за милион и 300 илјади евра преку застарување на повеќе од осум илјади предмети.