Една година по уривањето, случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ доби и правна разрешница. Инвеститорот Мевљудин Алити, чија дивоградба лани се уриваше со полициска придружба, признал вина и добил условна казна од две години, како и паушал за судски трошоци во висина од 3 000 денари (50 евра), пишува „Призма“.
Обвинетиот инвеститор, како што е наведено во правосилната пресуда објавена по барање на БИРН, во јуни годинава признал дека е виновен. Тоа значи дека за овој предмет не се изведувале докази, туку судот ја прифатил неговата вина и пресуда од четири и пол страници го осудил со условна казна затвор од две години, кои ќе бидат активни ако во следните пет не стори ново кривично дело.
Неговиот адвокат пред судот, меѓу другото, го бранел клиентот дека „градел на сопствени објекти“. Алити, пак, рекол дека „се кае за ова што го направил, не бил свесен за последиците од неговото однесување, сметал дека со тоа што градел е само обнова на неговиот објект, сметал дека со тоа не врши кривично дело…“
Ветил дека во иднина нема да го повтори делото. Судот, пак, сметал дека условната казна е доволна и оти со неа ќе се постигнат целите на казнувањето. За делото „бесправно градење“ во ставот 1, за кое беше обвинет Алити, во Кривичниот законик е предвидена затворска казна од три до осум години.
Но, во конкретниот случај, судот во пресудата утврдил дека може да му се ублажи казната, „ако се има предвид околноста дека обвинетиот претходно не е осудуван“. Петнаесет дена по изрекувањето на пресудата, таа станала и правосилна. Алити не се жалел на висината на казната до скопска Апелација.
Очигледно од пресудата бил задоволен и скопскиот обвинител Даниел Коцев, кој, исто така, не се жалел. Во овој случај не беа обвинети службени лица, па целосниот товар за кривично гонење падна врз Алити.
Дивоградбата се рушеше непосредно по формирањето на новата влада во 2020 година со огромно медиумско внимание со што сакаше да се покаже „функционирањето на правната држава“.