Во тек на вчерашниот ден, откако се објави мојот апел за помош од 300 евра, кои ми се потребни за да ги однесам децата во Скопје на лекарски прегледи, се собраа 200 евра. Потребни ми се уште сто евра, и се надевам дека хуманите луѓе ќе ми помогнат во оваа мачна ситуација – за ,,Фокус” раскажува Марија Шиниковска, самохрана мајка од Охрид.
Нејзините две деца се соочуваат со тешки здравствени состојби, ќерката на возраст од девет години имала церебрална парализа, но и тешко искривување на ‘рбет, а пак синот на возраст од пет години имал аутизам, и се уште не зборувал.
Како што појасни мајката, таа требало да ги носи децата во приватна здравствена установа во Скопје, за да се утврди степенот на искривување на ‘рбетот на девојчето, но и да се направи проценка на момчето за аутизмот, односно да му се постави точна дијагноза. Вели дека без овие проценки не може да добие ниту надоместок за нега, а останала и без детскиот додаток, кој и бил укинат откако започнала да работи како садомијачка во охридски хотел.
-Многу сум благодарна на сите кои сочувствуваат со мене и моите деца, и кои во тек на вчерашниот ден донираа средства. Имаме тежок живот, и јавниот апел за помош ни беше единствена опција да дојдеме до тие средства кои ни се неопходни. Ова се моменти кога како родител морав да заборавам и на достоинство и на срам, и да мислам на доброто на ќерката и синот.
Немам пари да ги однесам во Скопје за да се извршат потребните прегледи, и морав вака, јавно да молам за помош.
Знам дека ова не е трајно решение, на ваков начин со донации да се собираат пари за лекарски прегледи, затоа апелирам надлежните служби да ми помогнат, да се убрза процесот за добивање на нега, бидејќи нам секој денар ни е важен.
Исто така, знам дека месечниот надоместок за нега на лице со попреченост изнесува околу 5.000 денари, но кога човек ќе се најде во ситуација како мојата, и таа сума е од помош- вели самохраната мајка.
Сите кои се во можност да и помогнат, можат да донираат на нејзината жиро сметка на име Марија Шиниковска, Тутунска банка 210 501768421405 или пак да ја побараат на телефонскиот број 076 605 116.
Вики Клинчарова