Додека во голем број на општини граѓаните буквално молат за успорувачи на брзина, односно легнати полицајци или било каква друга сообраќајна опрема која ќе спречи жртви на улиците, и истите се соочуваат со оправданија од локалните надлежни служби дека поставувањето на успорувачи е подолга процедура, Кавадарци повеќе од две децении има изнајдено ефикасно, брзо и економично решение за проблемот.
Уште пред повеќе од 20 години на повеќе улици во Кавадарци, за кои имаше поплаки од граѓаните дека пребргу се вози и се небезбедни, беа поставени гумени топки – успорувачи на брзина. Тоа беше новитет во градот, посебно поради тоа што во тој период, во многу градови не беа поставени ниту легнати полицајци, дури и пред училишта и градинки.
Според информации од општината, првите гумени топки биле набавени од Грција, бидејќи во времето кога започнале да се поставуваат во градот, ги немало во земјата. Биле набавени и поставени пред училиште во населбата Глишиќ, каде многу често се случувале сообраќајки и каде голем број на пешаци, посебно деца, настрадале поради брзо возење.
Денес овие успорувачи на брзина можат по доста пристапни цени да се набават и кај нас, во речиси секоја фирма која работи со сообраќајна сигнализација и веќе ги има во повеќе градови.
Како што раскажуваат за ,,Фокус” вработени во Секторот за комунални работи, урбанизам, сообраќај и заштита на животна средина, во Кавадарци на 15 локации ги има гумените топки, кои се покажале како доста ефикасно, евтино средство за справување со возачите кои не се придржуваат до дозволената брзина, а за чие поставување не биле потребни никакви одобренија, ниту пак некакви одолговлекувачки процедури.
-Овие успорувачи на брзина од досегашно искуство се покажаа како одличен избор. Нивната цена изнесува околу 10 евра за топка, а за еден премин доволни се околу 25 топки, во зависност од должината на улицата на која се поставуваат.
Многу е важно тоа што за само еден ден се средува целата работа, лесно и бргу се монтираат, по правило во три реда за комплетна ефикасност. Не се потребни никакви одобренија или проекти, доволно е само да се постави сообраќаен знак на улицата на која ги има успорувачите, како известување за возачите.
Се работи за урбана опрема, токму затоа и се избегнати подолги процедури околу проектирање и документации.
Значи, доколку некоја општина има потреба од брзо поставување на успорувачи на брзина, ова е идеално решение, велат од секторот за сообраќај при Општина Кавадарци.
Граѓаните велат дека овие гумени топки играат голема улога кога е безбедноста на пешаците во прашање. Задоволни се што ги има на многу улици во градот, посебно што биле поставени на локации каде поради одредени законски регулативи, не можеле да бидат поставени легнати полицајци.
Денес во Кавадарци, служби од општината работеа на ново поставување на околу 250 гумени топки, обновување на старите, кои се случувало да бидат оштетени во зима при чистење на снег со механизација, но се поставуваа и пластични столбчиња и сферни огледала, за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот.
Случајот со младата дизајнерка Фросина Кулакова, која смртно настрада во Скопје, под тркалата на пијано момче, без возачка дозвола, на пешачки премин, кој возел со над 120 километри на час на црвено светло, повторно ги стави во фокус прашањата околу безбедноста на улиците.
Исто така повторно излегоа на површина јавните барања за задолжително поставување на успорувачи на брзини на улици кои се сметаат за ризични точки и каде наназад се случиле низа на сообраќајки, токму поради брзо возење.
Вики Клинчарова