Уште колку време МВР на Тошковски ќе го истражува обидот за поткуп на Мицкоски?

Поминаа повеќе од 2 месеци откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека преку канали за комуникација му бил понуден поткуп од компанија, за да ја прифати тендерската документација за изградба на третата секција од пругата кон Бугарија, во делот од Крива Паланка до меѓудржавната граница. Во меѓувреме, оваа тендерска постапка пропадна, а Скопје и Софија постигнаа прелиминаран договор за заедничка изградба на тунелот што треба железнички да ги поврзува двете земји. Арно ама, се уште нема епилог од постапувањето и проверките што ги врши МВР на чело со министерот Панче Тошковски.

by Фокус

Уште кон крајот на август, или пред повеќе од 2 месеци, премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција изјави дека му бил понуден поткуп од заинтересирана компанија, за да ја прифати тендерската документација за изградба на третата секција од пругата кон Бугарија, во делот од Крива Паланка до меѓудржавната граница, што беше увертира кон поништување на тендерот за избор на изведувач тежок 560 милиони евра.

Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Додека сум јас премиер, нема да се случи тоа – рече Мицкоски на 27 август годинава. На прашањето кој му нудел поткуп, тој не прецизираше, но посочи дека тоа не оди јавно, туку преку канали за комуникација.

Еве, лично кажувам дека за Коридорот 8, секција 3 за пругата имаше обид да ми биде понуден поткуп, со што јас како претседател на Владата би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација која истекува на 17 септември. Но, се додека сум јас претседател на Владата овој тендер нема да го прифатам поради техничка, но и морална причина. Завршија времињата на таков тип комуникација со претседател на Владата – рече премиерот.

Еден ден подоцна, Мицкоски рече дека неговата изјава за обид за поткуп вознемириала „поедини центри на влијание“, затоа што, според него, станува збор за стар тендер, односно за јавна набавка која ја водела претходната влада на СДСМ и ДУИ, а тој одлучил јавно да се бори со криминалот и корупцијата како порака дека времето за криминалците во политиката завршило.

ПОСТАПКАТА ПРОПАДНА, НО ДО КАДЕ Е ИСТРАГАТА?

Притоа, Мицкоски рече дека ова го пријавил во институциите, а во едно интервју неодамна посочи дека во МВР се води истрага. Сепак, според него, поважно било тоа што постапката била прекината, од причина што веднаш после неговата изјава Министерството за транспорт и ЈП Железници Инфраструктура ги повлекле своите членови и на тој начин ја урнаа веќе започнатата постапка за избор на изведувач на третата делница од пругата кон Бугарија.

-Токму после јавно изнесените информации што ги даде премиерот за обид за корупција, ние одлучивме да ги повлечеме членовите кои се дел од тимовите за евалуаиција и од делот за надзор и од делот за изведба, зашто тоа е најмалку што можеме да направиме, за да сфатат сите кои се обидуваат да направат поткуп дека со нас нема играње – рече министерот за транспорт Александар Николоски.

Инаку, на овој повик имало пријавено 7 учесници, од кои најголем дел биле несериозни. Односно, немало пријавено ниеден учесник од сериозна земја-членка на ЕУ, туку сите кандидати биле од Турција. Со оглед на тврдењата од Илинденска дека поткупот дошол од фирма што била дел од постапката, произлегува дека се работи за турска компанија, чиј идентитет никогаш не беше јавно обелоденет.

Во меѓувреме, Владата постигна прелиминарен договор со бугарската страна за заедничко проектирање и тендерирање на тунелот што треба да ги поврзува двете земји. Во исчекување овој договор да биде наскоро потврден на средба во Скопје“, „Фокус“ ја истражуваше изградбата на првите 2 секции од пругата, при што обезбедивме податоци дека изведувачот на втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка – турски „Гулермак“, ангажирал 4 подизведувачи, меѓу кои имало 2 турски компании основани во ист ден и на иста адреса!

ПРУГА КОН БУГАРИЈА: Парче од милионскиот колач за втората делница „изеле“ турски подизведувачи основани на ист ден и адреса!

Сепак, остана да лебди сериозното обвинување на премиерот Мицкоски, потврдено и од министерот Николоски, дека им бил нуден поткуп за третата секција од Крива Паланка до Бугарија. Меѓутоа, веќе една седмица не добиваме одговор од МВР на прашањето какви дејства досега се преземени, односно дали се обезбедени докази кои ги потврдуваат јавно изнесените тврдења за поткуп, како и кога може да се очекува разрешница на случајот?

Исто така, се обративме и до Јавното обвинителство, дотолку повеќе што освен исказот на Мицкоски за обид за поткуп за третата делница од пругата кон Бугарија, како и неговиот повик Обвинителството да ги провери подизведувачите на останатите 2 секции, беше објавен и ревизорски извештај за реализација на капиталните проекти, по што министерот Николоски го повика ЈО да го испита работењето и на јавните претпријатија за патишта и железници.

„Јавното обвинителство постапува по предметниот извештај на Државниот завод за ревизија кој се однесува на успешноста на реализацијата на капиталните проекти. Во однос на наводите на претседателот на Владата, Министерството за внатрешни работи појасни дека постапува и врши проверки. Секој што поседува дополнителни документи и други докази за сторени кривични дела има законска обврска тие да ги достави до истражните органи“, ни одговорија од ЈО.

Обвинителството ги проверува наводите на ревизорот за железницата кон Бугарија и автопатот кон Косово!

Од причина што и ЈО и премиерот велат дека МВР постапува и врши проверки, но од таму не добиваме информации за резултатот од овие проверки, потсетуваме дека во врска со овој случај Министерството досега имаше една генерална изјава дека постапуваат по повеќе предмети поврзани со криминал и корупција, а кога тие ќе бидат во напредна фаза јавноста ќе биде соодветно информирана. Арно ама, не се сите убедени дека оваа истрага ќе обезбеди докази.

Имено, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, смета дека Мицкоски лажел за наводниот поткуп што му бил понуден нему и на вицепремиерот и министер за транспорт Николоски, истакнувајќи: „Јавно го прашувам Мицкоски – што се случи со наводниот поткуп кој му го понудиле нему и на Николоски? Има ли некаква истрага Премиере и во која институција? Ниту има истрага, ниту има докази, ниту ќе има!“.

Според Кривичниот законик, се предвидува дека „тој што директно или индиректно на службено лице ќе му даде, вети или ќе му понуди подарок или друга корист за него или за друг, за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши или тој што посредува при ова, ќе се казни со затвор од една до пет години“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости