На денешен ден пред 11 години почина легендата на македонската новокомпонирана фолк песна, струмичанецот Гоце Арнаудов. По тешко боледување, тој почина во Скопје на 57-годишна возраст, а зад себе ги остави сопругата Силвија, синот Оскар и ќерката Харита.
Во македонските ризници пак, остави над 200 авторски песни, први награди од над 60 фестивали, спомени од голем број на турнеји кај дијаспората, каде секогаш беше дочекан во преполни сали.
На 11-годишнината од неговата смрт, неговата ќерка Харита објави фотографија од неговиот споменик во Струмица, и се потсети на на зборовите кои му ги посветила и минатата година, на истиот ден, а кои и денес пак му ги посветува.
-Го етапиравме животот на ,,со тебе” и ,,после тебе”… Но, уште си секојдневно присутен… И секоја радост со тебе ја споделувам… И секоја тага се обидувам од тебе да ја скријам. Песната, таа ни остана, остана и онаа недопеаната. Но, и во новите песни се нешто твое наоѓам. И стотици анегдоти во наследство кои секојдневно не ,,честат” партија смеење. А и во ноќите… сонот без таткова прегратка не ме остава. Шести декември. И пак дожд, па сонце, па дожд, па сонце. Таков е животот, тој продолжува, љубовта останува, за тебе непроменета, сите овие години после тебе-објави Харита, која со семејството живее во Охрид.
Во интервју за „Фокус“ од пред две години, таа раскажа дека нема ден, а песните на Гоце да не се слушаат во нивниот дом. Потсети дека тој беше голем родољуб, кој со песна секогаш се борел на свој начин, против неправдите кои се случуваат во општеството.
Евергрините на Арнаудов и денес се слушаат,а неговиот успех со новокомпонираните фолк песни ретко кој негов колега го има достигнато изминативе години.
Вики Клинчарова