Матеа Стаменова, единаесет-годишно девојче од Неготино, за кое се сплоти целата општина и регион, деновиве се вратила од клиниката во Софија, Бугарија, каде и беше извршена хируршка интервенција за отстранување на циста на десната хемисфера на мозокот.
Нејзината операција изнесуваше околу седум илјади евра, средства кои семејството ги обезбеди со помош на донации од хуманите граѓани, а сега, фамилијата се заблагодари на сите кои дале придонес акцијата да биде успешна.
Како што информира таткото на Матеа, Игор, таа сега е дома, на постоперативно закрепнување во кругот на семејството, а наскоро откако целосно ќе закрепне ќе се врати меѓу своите врсници и во школските клупи.
Во име на целото семејство, тој се заблагодари на другарчињата на Матеа, на нивните родители, на наставничката, на сите сограѓани, но и на граѓаните од Кавадарци и Демир Капија, како и на оние од цела земја и надвор од државата кои дале свој придонес.
-После дожд и невреме, доаѓа сонце, она истото кое ги топли и грее срцата на сите хумани луѓе, истовремено облагородувајќи им ја нивната душа и потсетувајќи ги на најчовечните работи- солидарност, сочувство и емпатија, пружање на рака на секој на кого му е потребна, а посебно на млада личност која е на самиот почеток на својот живот.
Докажавме дека се уште кај луѓето постојат вистински етички и морални вредности, кои токму во вакви ситуации се ставаат на тест, а задоволството е големо кога резултатите од тестот се позитивни- една млада личност ќе продолжи со својот живот како и своите врсници – шестоодделенци- порача семејството.
Матеа е само уште едно од долгата низа на деца, кое заминало на лекување благодарение на донациите од хуманите граѓани. Во земјава актуелни се десетици апели за помош за лекување на приватна клиника во земјава или во странство, не само на деца, туку и на возрасни лица.
Некои се решиле да се лекуваат со помош на донации бидејќи од Фондот за здравствено осигурување на добиле помош, најчесто поради тоа што од институцијата некои лекувања ги ставиле во категоријата на алтернативна медицина, небазирана на медицински докази, но има и такви кои се решиле на тој чекор бидејќи имаат поголема доверба во здравствениот систем во поразвиените земји.
Конкретно, за случајот со Матеа, како што минатиот месец за ,,Фокус” појасни нејзиниот татко, семејството се решило за лекување во странство, поради итноста на ситуацијата, но и поради негативни искуства со досегашното лекување кај нас.
Неговиот апел наиде на голем одек кај граѓаните, кои органзираа бројни донаторски акции, Општина Неготино даде поддршка, 60.000 денари од општинскиот буџет, а донаторската сметка беше објавена и на платформата ECrowd.mk, која во изминатиот период, откако започна да функционира, веќе стана како еден вид на заедница на граѓаните на кои им е потребна помош, но и на сите оние кои сакаат да помогнат.
Вики Клинчарова