Доналд Трамп, поранешниот американски претседател, победи на внатрепартиските избори на републиканците во сојузната држава Њу Хемпшир.
По преброените 88 отсто од гласовите, тој води со 54,6 отсто од гласовите наспроти 43,2 отсто што ги освои Ники Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина и поранешна амбасадорка на САД во ОН, која на таа позиција ја постави токму Трамп.
Си-Ен-Ен оценува дека првите реакции на поранешниот шеф на Белата куќа на резултатите е како да му пречеле што Хејли се уште не се повлекла од трката.
„Таа всушност помина многу лошо“, рече Трамп во серијата објави на социјалните мрежи објавени заедно со говорот на Хејли пред поддржувачите.
Тој ја нарече „пропаднат случај“, „натрапник“ и побара Хејли да се откаже од нејзината кандидатура за претседателска номинација на Републиканската партија.
Трамп изјави дека таа „прогласила победа“, иако Хејли сепак му ја честитала победата.
Веднаш по објавувањето на неговата победа, на мобилните телефони на неговите приврзаници беше испратена порака од изборната кампања на Трамп, во која со големи букви пишуваше „ТРКАТА ЗАВРШИ“.
Хејли рече дека трката е „далеку од завршена“ бидејќи има „преостанати десетици држави“ во кои ќе се одржат внатрешните избори на Републиканската партија.
Таа го обвини Трамп за разочарувачки резултати на конгресните избори во 2018 и 2022 година, како и за исходот од претседателските избори во 2020 година, кои ги загуби од демократскиот кандидат Џо Бајден.
– Трамп е единствениот републиканец во земјата што Бајден може да го победи – рече Хејли.