Најмалку четири лица загинаа и околу 90 чекаат да бидат спасени, откако потона чамец со мигранти во Егејското море, северно од грчкиот остров Антикитира, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, несреќата се случила вчера, а мигрантите преку европскиот број за итни случаи 112 побарале помош и рекле дека во едрилицата со која се превезувале имало околу 100 лица, по што започнала спасувачката акција на грчката крајбрежна служба.
Биле извлечени четири безживотни тела, а околу 90 лица успеале да стигнат до мал карпест ненаселен остров каде што чекаат помош.
Веројатно е дека чамецот тргнал од Турција, а крајната дестинација била Италија, исто како и чамецот што потона во вторникот во близина на островот Фолегандрос.
Ова е втора несреќа за неколку дена со загинати мигранти во Егејското море.
Во вторникот вечерта потона брод со бегалци и мигранти, беа спасени 13 лица, загинаа тројца, а се уште, непознат е бројот на исчезнати.