Учебникот по ,,Граѓанско образование’’ за осмо одделение ќе се повлекува од употреба, одлучило министерството за образование и наука, откако Народниот правобранител утврдил дискриминација по основа на род, пол, здравствена состојба, попреченост и релгија.
Во учебникот, на страна 34 и 35 се учи за правата на жената, и се наведува дека само почитуваните и здрави мајки можат да обезбедат здрави семејства. Покрај тоа, во него се објавени две фотографии, на кои едната жена е со прекрстени нозе и списание во рака, додека мажот чисти со правосмукалка, а на другата, жена со престилка која готви и стои пред компјутер. Под фотографиите е поставено прашањето – Која од овие жени се изборила за своите права?
,,Фокус’’ уште во февруари објави сторија по повод дискриминирачката содржина во учебникот.
Исто така, и учебникот за четврто одделение по предметот Општество е повлечен од употреба, а ,,Фокус’’ прв информираше за дискриминирачката лекција врз основа на брачен и семеен статус. Во спорната лекција, од учениците се бараше да донесат фотографија од свадбата на родителите, и да одговорат дали родителите им се венчани во црква. Во истиот учебник, децата се доведуваа во заблуда и со лекцијата во која е наведено дека едно просечно македонско семејство располага со месечен буџет од 62.000 денари.
Вики Клинчарова