Средношколец на возраст од 16 години од Неготино е позитивен на корона вирус, информираат од Центар за јавно здравје Кавадарци. Поради тоа што наставата се одвива онлајн, нема опасност за неговите соученици, велат од центарот.
Инаку, ова е втор регистриран случај на инфициран ученик од Неготино од почетокот на месецот. Исто така, денес се регистрирани уште два случаи на вирусот во градот.
Во Кавадарци пак, има шест нови случаи, помеѓу кои и 27-годишна жена која работела како негувателка во мал групен дом. Во домот биле сместени две деца, кои остануваат таму, во изолација, а три нејзини колешки исто така заминуваат во домашна изолација во наредните две недели.
Новите случаи во Тиквешијата се на возраст од 16 до 62 години и имаат симптоми. Седум од нив не знаат од каде се заразиле, додека две лица потврдиле дека имале контакт со веќе позитивен пациент. Во Кавадарци се активни 95 случаи, додека во Неготино има 35 активни случаи на вирусот.
В.К.