Уште еден голем руски напад врз енергетската инфраструктура на Украина

by Fokus

Денеска Русија изврши голем ракетен напад врз енергетската инфраструктура на Украина и погоди термоцентрала.

Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко изјави дека Русија повторно ја нападнала енергетската инфраструктура. Воздухопловните сили на Украина уништија неколку проектили истрелани кон областите Харков, Днепар и Полтава.

„Операторот на електродистрибутивниот систем ги презема неопходните мерки за ограничување на потрошувачката со цел да се минимизираат негативните последици за електроенергетскиот систем“, рече тој и додаде дека енергетските работници, штом безбедносната ситуација ќе дозволи, ќе ја утврдат настанатата штета.

Најголемата украинска приватна енергетска компанија ДТЕК објави дека Русија утринава удрила во една од нивните термоелектрани, што го одбележа 13-тиот напад на електричната мрежа на Украина оваа година.

Украинскиот државен енергетски оператор Укренерго воведе превентивни прекини на струја низ целата земја, поради масовен ракетен напад, оставајќи неколку области на главниот град Киев без електрична енергија.

Најмалку седум напади беа извршени и на Харков, кои предизвикаа пожари низ градот, напиша на Телеграма Олех Синјехубов, регионалниот шеф на градот. Најмалку три лица се повредени.

Поврзани новости