Уште еден член на комисијата се огради од спорните песни, Јанчовски тврди дека ако го прашале него, книгата може немало да излезе

by Fokus

По денешниот скандал кој „пукна“ околу објавувањето на Збирката поезија на Агенцијата за млади и спорт се огласи уште еден од членовите на комисијата, Тихомир Јанчовски, кој исто така се огради од спорната содржина. Неговиот коментар ви го пренесуваме во целост:

Во врска со скандалот со Агенцијата за млади и спорт и книгата со песните на младите поети, и со комисијата чиј член бев и јас:

1. Од нас се бараше да ги прочитаме песните што пристигнале на конкурсот и да одбереме три најдобри песни. Во комисијата бевме, Јовица Ивановски, Николина Андова Шопова и јас, Ни дадоа папки со песни, ги прочитавме, и некако, по долги консултации, одбравме песни што го освоија првото, второто и третото место. И толку.

2. Бев на доделувањето на наградите. Добитниците ги прочитаа своите песни, а читаа и други учесници на конкурсот што беа дошле.

3. Тогаш, една од вработените во АМС, на крајот, рече дека сите пристигнати песни ќе бидат објавени во книга. Дотогаш, не знаев за тоа. Ако.

4. По ова, никој од АМС не ни се јавил, ниту не’ консултирал за содржината на книгата, и за тоа кои песни треба да влезат или да не влезат во неа. Не сме добиле ни имејл, ни писмо, ниту некој не барал по телефон во врска со тоа. Не сме правеле никаква селекција, ниту некој од нас барал некаков извештај.

5. Селекцијата на песните што се застапени во книгата не е направена од нас. Ние направивме избор на првонагредените три песни и толку.

6. Пред 3 недели од нас побараа и предговор. Николина напиша предговор. Од агенцијата не и’ јавија, ниту и’ пратија список кои песни се застапени во книгата. Таа напиша предговор за општиот впечаток од сите песни.

6. Песните што предизвикаа скандал по објавувањето на книгата не се меѓу трите песни одбрани од нас. Не биле ни во поширок избор.

7. Да ме прашал некој кои песни треба да се објават, и да сум рекол тие и тие, може да ми бараат одговорност. Вака, некако не оди!

8. Книгата е објавена, јас не сум добил примерок и не знам како изгледа.

9. Книгата е објавена, и никој не очекувал скандал. Поезија… млади… Откако изби скандалот, директорот на АМС ја префрла вината врз нас. Тоа е очекувано. Ако вината е до АМС, а тој е таму директор, ќе му речат да си даде оставка. Новинарите ги љубат скандалите и едвај чекаат такво нешто. Покажувал пред камери некакво решение. кое никој од нас никогаш не го видел, и на кое нема потпис на ниеден од нас.

10. Песни имаше 70-80, објавени се 44. Значи, некој сепак направил селекција на тоа кои песни да влезат во книгата. Тоа не сме ние, членовите на комисијата за одредување на 1,2, и 3 место (Јовица Ивановски, Тихомир Jанчовски и Николина Шопова).

11. Најдете го тој/таа или тие што ги селектирале песните и прашајте ги зошто баш
тие.

12. Тие што ме познаваат, знаат дека ако ме прашале мене кои песни да влезат во книгата, книгата можеби не би ни излегла.

Поврзани новости