Уште два силни земјотреси утринава ја погодија Хрватска

by fokus

Централна Хрватска, рано утрово беше погодена од два нови силни земјотреси со епицентар во областа Петриња, со интензитет од 4, 7 и 4, 8 степени според Рихтеровата скала.

– Земјотресот во 6:15 часот беше со интензитет од 4,7 степени, а малку подоцна и нов од 4,8 степени со епицентар во областа Петриња, изјави Инес Иванчиќ, раководител на сеизмолошката служба за Хрватското радио.

– Тлото ќе се тресе долго време, земјотресот во вторникот беше разурнувачки и со голема сигурност ќе го следат голем број серии на земјотреси, меѓу кои, сигурно, ќе има и посилни, додаде таа.

Иванчиќ потврди дека послаби земјотреси ќе имаат влијание врз објектите во Петриња и Сисак, кои беа оштетени вчера. Таа изјави дека Петриња е погодена од „огромна количина“ мали земјотреси од понеделникот.

– Земјотреси се регистрираат речиси секоја минута, рече Иванчиќ, наведувајќи дека имало најмалку 25 до 30 земјотреси посилни од 3 степени по Рихтер.

По вчерашниот земјотрес со интензитет од 6,2 степени по Рихтер во Петриња се почувствуваа неколку послаби. Седум лица загинаа, а материјалната штета е огромна – во Петриња речиси и да нема зграда што да не е оштетена.

Поради големите и разорни штети на електричната мрежа, околу 2.000 граѓани од областа Сисак и околу 7.000 граѓани од областа Петриња се уште се без електрична енергија по земјотресот, а снабдувањето ќе се нормализира во текот на денешниот ден.

Во Петриња, луѓето во град без електрична енергија се обидуваа да се загреат на улица со отворен оган.

Поврзани новости