Четири работнички од конфекција во Штип се новите заразени од корона вирусот, откако вчера беа регистрирани две заболени, информираат од центарот за јавно здравје во Штип.
Во текот на вчерашниот ден простосториите на конфекцијата се целосно дезинфицирани, а работниците денеска не се на работа, додека Центарот за јавно здравје врши тестирања на дел од вработените, пишува, mms.mk.
– Штип е град на текстилната индустрија, па затоа најмногу сакаме да апелираме до текстилните конфекции и сите други субјекти кои имаат поголем број на вработени и кај кои производствениот процес налага на задолжително присуство на повеќе лица во една просторија. Истите, задолжително треба да се грижат за хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, дистанцата на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место да биде од 1,5 до 2 метри, истите задолжително да носат лична заштитна опрема – маски, а по можност и ракавици, се наведуваше во вчерашното соопштение од Центарот за јавно здравје-Штип.