Земјите од Западен Балкан треба да ги добијат првите пари од Планот за раст до крајот на годината, изјави денеска во Берлин претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Пет од шесте реформски агенди ќе бидат усвоени оваа недела, појасни таа, што значи дека исплатата на шест милијарди евра од Планот за раст може да започне пред крајот на годината.
„Планот за раст е најважен и со него велиме дека не можете да ги блокирате другите. Можете само да се блокирате себеси. Ако сакате напредок, соработувајте со другите. Тоа е процес заснован на заслуги. Колку поблиску се доближуваат земјите кандидати за целта, толку подобро за нив, а тоа ќе го направат исклучиво според сопствените заслуги“, нагласи претседателката на ЕК.
Во Берлин денеска се одржа самитот на Берлинскиот процес и беше усвоен новиот Акциски план за Заедничкиот регионален пазар.
Работите се сменија, додаде таа, а проширувањето повторно е на врвот на агендата.
„Кога гледате кон иднината, гледате кон иднината со сите шест партнери од Западен Балкан во ЕУ. Верувам дека сите земји од Западен Балкан мора да бидат дел од ЕУ. Таму се важни владеењето на правото и економската интеграција. Затоа Берлинскиот процес е промотор на заедничкиот пазар за Западен Балкан и е многу важно тој да функционира непречено. Тој го доближи регионот и сите нив до ЕУ“, рече таа.