Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во телефонски разговор со претседателот Румен Радев ја изразила својата поддршка за влезот на Бугарија во Шенген, соопшти прес-службата на претседателската администрација. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Фон дер Лајен ги издвои резултатите што ги постигна Бугарија во заштитата на границите на Европската унија и покрај силниот миграциски притисок. Во разговорот, Радев изразил очекување дека резултатите од заштитата на границите ќе бидат препознаени од сите европски партнери и дека Бугарија што поскоро ќе се приклучи на Шенген зоната.
Според бугарскиот претседател, поврзувањето е од клучно значење во услови на криза и прекинати или сериозно попречени синџири на снабдување, затоа олеснувањето на комуникацијата меѓу земјите-членки на Европската унија во Југоисточна Европа преку проширување на Шенген зоната треба да биде приоритет. Радев и фон дер Лајен разговараа и за активностите што ги презема официјалната влада на Бугарија за справување со последиците од економската криза за граѓаните и бизнисите и за гарантирање на макроекономската и финансиската стабилност.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев денеска соопшти дека во Брисел разговарал со министерот за внатрешни работи на Австрија Герхард Карнер, со претставникот на Шведска и со комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон за прашањето за приемот на Бугарија во Шенген. Јохансон ја советуваше Бугарија да ги вложи сите потребни напори до 8 декември. Дерменџиев изрази уверување дека може да се постигне успех, причина за очекуваното гласање во Советот на ЕУ за продолжување на Шенген со Бугарија, Романија и Хрватска.