Молдавија покажува дека е независна, силна и сака европска иднина, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откако повеќе од половина од гласачите на референдумот во таа поранешна советска република го поддржаа пристапувањето на Молдавија во Европската унија.
Претседателот на Комисијата на социјалната мрежа Икс им честиташе на народот на Молдавија и на претседателката на таа земја, Маја Санду.
„Повторно го направивте тоа! Соочувајќи се со хибридните тактики на Русија, Молдавија покажува дека е независна, силна и сака европска иднина“, рече Фон дер Лејен.
Зборуваше и претседателката на Европскиот парламент – Роберта Мецола, која рече дека Европа е Молдавија и дека Молдавија е Европа.
„Нашата иднина ќе биде напишана заедно“, изјави Мецола и додаде дека лидерството и храброста на Санду „го сменија текот на историјата“.
Повеќе од половина од гласачите во Молдавија на референдумот гласале за влез на земјата во Европската унија, покажуваат најновите резултати на Централната изборна комисија, откако обработиле 98,42 отсто од гласачките материјали.
Според резултатите, за евроинтеграции гласале 50,08 гласачи, а против биле 49,92 отсто, пренесува Танјуг.
Иако првите извештаи на Централната изборна комисија (ЦИК) покажаа дека мнозинството граѓани гласале против влезот во Унијата, се случи пресврт откако беа преброени 1.463.649 гласови, пренесува Moldovalive.md.
Референдумот за влез во ЕУ се одржа вчера, во исто време со изборите за претседател на Молдавија.