По одржувањето на Детската Евровизија во Мадрид, Шпанија, каде Македонија заврши на претпоследното, 16-то место, Програмскиот совет на МРТ одржал седница на која се дискутирало како да се напредува на ова поле, односно кои биле пропустите поради актуелниот лош резултат.
Според записникот од седницата, објавен од страна на Јавниот сервис пред неколку дена, шефицата на делегацијата, Дијана Гогова истакнала дека како делегација поминале одлично во Мадрид, и покрај тоа што го освоивме 16-то место, а од жирито бевме рангирани на десетто место.
Проблемот, според шефицата, било тоа што од дијаспората сме добиле минимален број на гласови, но и од гласовите од дома, иако гласањето било бесплатно и онлајн.
Снежана Клинчарова пак, која е член на Програмскиот совет, истакна дека годинава сме имале одлични изведувачи со извонредни гласовни можности (Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски), и преубава, певлива песна. Но, како што тврди таа, проблемот лежел во неинформираноста и лошиот ПР за настанот.
-Заради лошиот ПР и недоволната информираност на граѓаните/публиката за настанот, за изведувачите, за песната, за спотот, за начинот на гласање, за кореографијата, за гардеробата, за севкупниот стајлинг и.т.н нашите деца и нивната песна завршија на претпоследно место.
Ова го потврдија гласовите од жирито и високиот пласман на нашиот ,,Маратон”. Во оваа пригода сакам да им забележам на сите уредници и водители на ТВ и радио емисиите во МРТ да престанат да се однесуваат како овој проект да е ТУЃ, а не проект на куќата со која ја претставуваме државата, истакна Клинчарова.
Инаку, Македонија учествува на Детски Евросонг уште од самиот почеток, од 2003 година кога се одржа првото издание на манифестацијата. Најдобар пласман е 5-то место, а пак најлош е последното место, во 2015 година.
На Евровизија пак, земјата не учествуваше последните две години, а нема да учествува на настанот и наредната година во Швајцарија. Веста дека нема да учествуваме по третпат ја објавија и на официјалната страница на Евросонг. На натпреварот во 2025 година ќе се претстават 38 земји, а од регионот ќе учествуваат Србија, Албанија, Црна Гора, Хрватска и Грција.
Вики Клинчарова