Урбанизација или бетонизација на „Алумина“: Дали „Пуцко Петрол“ ќе гради 8 висококатници?

Општина Карпош презентираше план кој предвидува изградба на 8 згради во просторот на поранешната фабрика „Алумина“ од 42 илјади квадрати, кој нафтената компанија „Пуцко Петрол“ на семејството Јахоски го купи во 2020 година за 18 милиони евра.

by Фокус

Нафтената компанија „Пуцко Петрол“ на Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски, ќе гради 8 згради, од кои 2 високи и до 35 ката, доколку Деталниот урбанистички план што предвидува домување и комерцијално-деловна намена за овој блок, изготвен од Општина Карпош, ги помине сите законски фази и биде усвоен од шареноликиот општински совет.

Според 3Д презентацијата објавена на општинската веб-страната, на просторот се нацртани 8 згради, од кои 6 се со висина од 9 до 14 ката, а 2 се кули од 25 до 35 ката. Притоа, зградите се претставени со зеленило на терасите и на просторот се изведени улици и мини-паркови меѓу зградите. Но, нема ниту еден објект за јавна намена како градинка или школо.

„Ниту парк, ни нешто од јавен интерес. За градски четврт во кој нема жители кои можат да се пожалат на анкетниот лист бидејќи во таму имаше фабрика, не домови, а Општината не дозволува да реагираат другите жители ниту ги зема предвид коментарите од алатката е-урбанизам“, реагираа од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“.

Моментално, во тек е јавната анкета за ДУП-от, а јавната презентација ќе се одржи на 12-ти декмври. Анкетни листови со забелешки на овој план можат да поднесат само оние кои се сопственици на земјиште, а тоа е „Пуцко Петрол“. Граѓаните кои имаат куќи во близина немаат такво право зашто не влегуваат во опфатениот блок.

Овој план го изработи „Тајфа архитекти“, но не значи дека во „Алумина“ ќе се градат згради според него, бидејќи тој може да се менува, додека инвеститорот може да одбере или да изготви и друг концепт. Токму по барање на сопственикот на земјиштето веќе се изработени уште 2 решенија од други планерски куќи, според кои има повеќе згради и со поголема висина.

За потсетување, ова земјиште во 2008 година го купи израелската компанија „Газит Глоуб“, која сакаше да гради голем трговски центар. Но, во 2018 година планот го укина Уставниот суд, бидејќи не се почитувала процедурата за негово носење. Во 2020 година, пак, земјиштето од околу 42 илјади квадратни метри го купи „Пуцко Петрол“ за 18 милиони евра.

НЕИЗГРАДЕНА БЕНЗИСКА

Станува збор за нафтена компанија во сопственост на семејството Јахоски, која снабдува со нафтени деривати голем број на државни институции и органи, поради што често се јавува на врвот на листи според бројот на склучени договори за јавна набавка, како и според висината на добиените тендери.

Кога се говори за релацијата Општина Карпош-Пуцко Петрол, актуелен беше случајот со плацот во близината на арената Борис Трајковски, кој „Пуцко Петрол“ го купи на јавна лицитација во 2016 за околу 2 и пол милиони евра. Тогаш, на сила беше ДУП кој на таа локација предвидуваше изградба на помала бензинска станица, со две пумпи за точење на горива.

Арно ама, исто како и планот за „Алумина“, Уставниот суд го укина и овој ДУП, бидејќи, според Судот, бил донесен во незаконска постапка. Откако компанијата го загуби законското право да гради бензинска станица на купениот имот, покрена судска постапка, која, во повторно одлучување, заврши со правосилна пресуда со која делумно се прифаќа тужбеното барање.

„Пуцко“ ќе наплати 2 милиони евра за неизградена бензиска во Карпош!

Како што пишувавме, нафтената компанија по судски пат ќе ги добие назад парите за откуп на парцелата за изградба на бензиска станица, дополнителни 110 илјади евра за надомест на штета, како и 1,7 милиони евра по основ на испуштена корист. Тоа е помалку од првостепено досудените 6 и пол милиони евра.

Во меѓувреме, по алармирање на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски и совети на Државното правобранителство, Советот на Карпош усвои нов план со кој пак се вцрта бензиска на посочената парцела. Сепак, општината не успеа со таков маневар да ја добие правната битка со компанијата и да го избегне финансискиот трошок.

Цела ситуација беше запечатена од страна на Уставниот суд, кој го укина планот, со образложение дека се предвидува изградба на бензинска станица или објект со класа на намена Е, на место каде со Генералниот урбанистички план е планирано зеленило и објекти со класа на намена А и Б – домување и делумно комерцијални објекти.

ПРОДАДЕНA БЕНЗИСКA

Инаку, „Пуцко Петрол“ се најде во сторијата објавена во најновиот број на неделникот „Фокус“, во која се обелоденува дека тетовската компанија „НБ-Цомпану“, додека го реализира договорот за опремување на новиот културен дом во Тетово за 23 милиони евра, купила две бензиски станици на автопат при влез во Скопје за 7,5 милиони евра.

Патем, една бензиска била купена од „Пуцко Петрол“, додека другата од „БИ Холдинг“, во сопственост на Хана Јахоска. Овие компании беа дел и од предметот што Антикорупциската комисија го водеше за конфискацијата на имотот на „Трансмет“ по пресудата во предметот „Труст“ за поранешниот сопственик Сеад Кочан.

Додека „НБ-Компани“ го опремува културниот дом во Тетово за 23 милиони евра, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински од фирми поврзани со пратеник!

Како утврди ДКСК, дел од имотот што требало да биде конфискуван бил преземен од фирми и банки, со што била направена штета од над 12 милиони евра. Од таму појаснија дека во шемата, најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“, а опремата најверојатно е користена во правење профит за фирми семејно поврзани со осудениот Кочан.

Како што нотираше Комисијата, дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен и како гаранција за да не му биде определен притвор на Кочан. Од таму во случајот ја посочија и фирмата „БИ Холдинг“, како и фирмата „Адастра“, во сопственост на лицето Сашо Боко и друштвото „Аваз Холдинг“ на Хасредин Ризвановиќ.

Иницијатива за нов кривичен прогон на Кочан: Куртулил од притвор со замрзнат имот како гаранција!

Кога се говори за двете компании на семејството Јахоски, треба да се истакне и податокот дека „БИ Холдинг“ е регистрирана на иста адреса во скопски Карпош како и друштвото „К.С.А. Интернационал“ на Куштрим Смајлајл, зет на лидерот на ДУИ Али Ахмети. До неодамна, партнер на Смајлајл му беше Ерџан Сулкоски, кој се уште е партнер со Ратко Капушевски во „РКМ“, преку која одеше милионска набавка на мазут за „ТЕЦ Неготино“.

Што се однесува со пратеникот Исмаил Јахоски, кој долги години беше прв човек на „Пуцко Петрол“, пред да му ја препушти на неговиот син, тој влезе во фокусот на јавноста и кога, како што своевремено обелодени „Фокус“, му продал куќа во Тафталиџе на Арбен Таравари, лидер на најмладиот владин партнер – Алијанса за Албанците.

„Фокус“ открива: Како Арбен Таравари стекна имот што претходно го поседувал Исмаил Јахоски од ДУИ?

Влатко Стојановски

Поврзани новости