Урбанистичките планови за селата Маврово и Леуново, како и одлуката за отстапување со стопанисување на водоводот на хотел Радика се пред Уставен суд, пренесува МКД. Адвокатското друштво Пешевски и Тимовски во име на здружениетo Спас за Маврово поднесе иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на овие одлуки на Советот на Општина Маврово Ростуше.
Урбанистичкиoт план за село Маврово со детална разработка на дел од Урбан блок 5 и дел од урбан блок – 7 e објавен во службен гласник за Oпштина Маврово Ростуше на 26 февруари 2015 година. Одлуката за усвојување на Урбанистичкиот план за село Леуново, Никифорово и Анови е објавена во службениот гласник на општината на 19 јули 2001 година, а одлуката за отстапување на водоводот е донесена на 25 октомври 2019 година.
Според подносителите на иницијативата одлуките за урбанистичките планови се донесени спротивно на законски утврдените прописи, без согласност на Националниот парк Маврово и без прибавено мислење од Министерството за животна средина. Со донесувањето на овие одлуки општината делувала спротивно на член 16 од Законот за заштита на природата, без спроведена постапка за оценка на влијанието врз природата.