Хелсиншкиот комитет информира дека Управниот суд го поништил решението за лустрација на Петар Карајанов.
„По барањето поднесено од страна на Петар Карајанов за повторување на постапката пред Управниот суд, а по основ на донесената пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права од 6 април 2017 година, Управниот суд на 14 март 2018 година одржа усна, јавна расправа со цел со сигурност да се разјасни состојбата на работите и да се потврдат фактите врз кои се заснова барањето на тужителот за повторување на постапката, притоа постапувајќи согласно член 39-а во врска со член 40 од Законот за управните спорови“, се вели во известувањето од Хелсиншкиот комитет кое го пренесуваме во продолжение:
„Управниот суд, по одржаната јавна расправа на ден 14.03.2018 година, донесе пресуда, со која го уважи барањето на тужителот за повторување на постапката, претходната пресуда на Управниот суд од 29 јануари 2014 година со која беше потврдено Решението на Комисијата за верификација на факти за лустрација на апликантот во целост го стави вон сила и го поништи Решението на Комисијата за верификација на фактите од 27 март 2013 година.
Воедно, Управниот суд го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација, да го отстрани Решението на Комисијата за верификација на фактите бр.07-908/1 од 27 мај 2013 година од интернет страницата www.kvf.org.mk, објавена на 30 мај 2013 година, во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.
Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој беше активно вклучен во процесот на застапување на апликантот пред Европскиот суд за човекови права во овој случај ја поздравува оваа пресуда на Управниот суд со која се анулираат суштинските повреди на Европската конвенција за човекови права, како од аспект на севкупната неправичност на домашната постапка за лустрација на апликантот по членот 6 од Конвенцијата, така и во делот на повредата на правото на почитување на неговиот приватен и семеен живот, кое беше повредено со објавувањето на решението на Лустрациската комисија на интернет-страницата на Комисијата уште на денот на неговото донесување, односно пред таа да стане конечна и правосилна.
Со оваа пресуда се потврдија наодите на ЕСЧП во поглед на констатираните повреди и преку нивното анулирање се направи чекор напред кон ефикасното извршување на оваа пресуда. Во таа смисла, Хелсиншкиот комитет за човекови права особено го охрабрува Управниот суд да продолжи со одржувањето на усни, јавни расправи и во иднина, особено кога околностите на случајот ја наложуваат таквата потреба заради разјаснување на спорните фактички прашања кои се од суштествено значење за исходот на самата постапка.“
Откако Лустрациска комисија го прогласи за кодош, Карајанов тврдеше дека постои лице со друг идентитет и дека многу податоци што се наведуваат се неточни, почнувајќи од датумот на неговото раѓање, но неговите тврдења беа одбиени од македонските судови.
Петар Карајанов беше претседателот на Градскиот комитет на СКМ-Скопје, член на ЦК на СКМ и претседател на општествено-политичкиот собор на Собранието на СРМ.