Управителот на фирмата што ја чисти Владата под мерки за претпазливост

by fokus

Кривичниот суд го прифатил предлогот на Обвинителството и му одредил мерки за претпазливост на управителот на фирмата „Серта“ којашто со години ја чисти владата, министерствата односно објектите на државната управа.

Откако вчера обвинителството соопшти дека фирмата е под истрага, од Кривичниот суд за „Фокус“ потврдуваат дека на управителот му одредиле мерки за претпазливост.

-Судија на претходна постапка, по сослушување на странките во однос на предлогот донесе решение со кое предлогот за определување мерки за претпазливост го прифати во целост, велат од Судот.

Од Владата не одговараат конкретно дали откако се објави дека фирмата е под истрага ќе го раскинат тригодишниот договор. Велат за веродостојноста на документите одговара апликантот.

-За веродостојноста на поднесените документи кривично одговара апликантот, а нивна верификација може да вршат само истражни органи. Доколку постои каков било сомнеж во врска со веродостојноста на кој било сегмент од јавна набавка, секое физичко или правно лице има право да поднесе претставка до истражен орган кој ја истражува во понатамошна постапка и утврдува дали постои кривично дело или не. Владата не може да коментира предмети што се во обвинителска или судска постапка, велат за „Фокус“ од Владата.

Обвинителството вчера излезе со соопштение дека управител и фирма се осомничени за злупотреба на јавна набавка без да го наведе името на фирмата, а како што објави „Фокус“ станува збор за фирмата „Серта“ која неколку години со ред ги добива овие тендери.

Последниот договор со владата оваа компанија го склучила во 2021 година за одржување на хигиена и тековно одржување на објектите на државната управа и за чистење на објекти за период од три години.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости