Управата за јавни приходи и Катастарот на недвижности вработуваат над 50 луѓе

by Фокус

Десетици институции на централно и на локално ниво спроведуваат постапки за вработување на нови луѓе, при што, според бројот на луѓе што се вработуваат во државната администрација, предничат Управата за јавни приходи и Катастарот на недвижности, предводени од директорите Сања Лукаревска и Борис Тунџев.

Според огласите за вработување објавени од страна на надлежната Агенција за администрација, УЈП вработува 35 лица на 33 работни места, меѓу кои: виш советник, виш даночен референт, помлад асистент, помлад инспектор, даночен советник, даночен контролор, даночен извршител, помлад програмер, помлад ИТ специјалист.

Досега, од таму не добивме одговор на нашето прашање дали овие вработувања се согласно годишниот план и колку отпочнувањето на постапките за вработување се во рамки на принципот на добро владеење, со оглед дека доаѓаат во период непосредно пред да профункционира техничката влада за спроведување на изборите?

Истовремено, Катастарот на недвижности бара 23 извршители на 20 работни позиции – државен советник за финансиски прашања, раководители на одделенијата во Тетово, Гостивар, Кичево и Радовиш, како и помошници-раководители, референти, помлади асистенти…

Од таму, пак, ни изјавија дека единствена причина поради која огласот е објавен во моментов е тоа што е предвиден во планот за вработување во 2019 година.

Фокус веќе објави дека меѓу активните огласи за вработување на буџетски товар може да се најдат 4 огласи за вработување на вкупно 18 лица во владиниот генерален секретаријат, при што огласите се објави во период од 12 дена (од 11 декември до денес), додека два од огласите се објавени во еден ден, односно на 20 месецов.

Во меѓувреме, нови луѓе вработуваат и неколку министерства, така што Министерството за култура под контрола на министер од БЕСА вработува 12 луѓе, Mинистерството за локална самоуправа управувано од министер од ЛДП вработува 6 луѓе, Министерството за економија водено од кадар од ДУИ вработува тројца луѓе итн.

Исто така, голем број на огласи објавиле и единиците за локална самоуправа, па така нови луѓе вработуваат Кисела Вода (5), Штип (5), Чашка (3), Битола (3), Македонска Каменица (2), Охрид (1), Радовиш (1), Делчево (2), Гевгелија (1), Аеродром (1)…

В.С.

Поврзани новости