Управата за финансиска полиција денеска ќе влезе во Град Скопје со цел да истражи како се потрошени 30.000 евра за новогодишното украсување. Градоначалничката Данела Арсовска не го објави јавно договорот за украсување, ако воопшто постои, но затоа ќе мора да им даде отчет на инспекторите од Управата.
Директорот Горан Иванов појасни дека предвреме не може да коментира, но ќе истражат дали воопшто имало јавна набавка и дали биле предвидени средства за таква намена.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска иако упорно тврди дека е склучен тендер за новогодишното украсување на градот, сепак таа не го објавува, а истиот не е објавен ниту на сајтот на Бирото за јавни набавки. Таму ги има сите претходни договори на градот, за минатите украсувања, но не и годинешниот.
На сајтот, пред неколку дена е објавен тендер на Град Скопје склучен на 15 декември, но за новогодишни пакетчиња.
Според објавениот документ Арсовска набавила 550 пакетчиња, за вкупна цена од 12.200 евра. Или секое пакетче чини по 1.300 денари. На пријавениот тендер учествувал само еден понудувач, кој и ја добил зделката.
Валентина Вурмо