Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица, соопштија од Управата.
-Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела, се вели во соопштението.
Оттаму целосно ги демантираат и отфрлаат изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак пак кај некој друг претставник на политичка партија.
-Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ MAKЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје. Ве молиме Управата за финансиска полиција да не се злоупотребува за политички цели, заклучуваат од Управата.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески објави дека рано утрово во домот на неговите родители влегле припадници на финансиската полиција и извршиле претрес. Тој за настанот информира на неговиот фејсбук профил каде напиша „од 5:30 до овој момент во мојот дом упадна и врши претрес Финансова полиција!“.
Претходно, неофицијално од Управата дознавме дека таткото на пратеникот е вработен како раководител на секторот за јавни набавки во ЕВН.