Синдикатот на рабодниците во управата правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) не знае каков е предлогот на Владата за зголемување на платите во јавниот сектор.
„Владата прво го прифати предлогот на Синдикатот, а потоа излезе дека донела свој предлог за покачувањата да почнат од март следната година“, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ во вечерашната емисија на ТВ21.
Тој рече дека се уште немаат одговор кога ќе биде донесен колективниот договор и дека платите на повеќето вработени во јавниот сектор со години е минимална.
„Не изненади позитивно вицепремиерот Фатмир Битиќи кога кажа дека го прифаќаат предлогот на синдикатот. За жал, излезе дека не го прифаќа. Не знам како Битиќи гледа дека владиниот предлог е добар. Владата вели да потпишеме договор да земат прво покачување од март следната година, и да не се случи сега и веднаш, туку во период од пет години. Не ја разбрав изјавата најискрено, не разбрав како ја направил математиката. И така никој нема да осети бенефит ако сега не го решиме проблемот.“, изјави Деаноски.
Тој додаде дека не го виделе владиниот предлог, иако на состанокот на социо-економскиот совет било договорено министерот за финансии Фатмир Бесими да направи симулација на предлогот.
„Нема луѓе во јавниот сектор кои се задоволни од платата“, изјави Деаноски.