Од Синдикатот на УПОЗ ѝ порачаа на Владата дека залудни се обидите да докажат дека има политика во протестите.
„Не случајно на вториот ден од протестите сме пред Министерството за култура. Во 2023 година, токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Р. Македонија со истите барања како и денес, потпишување на Колективен договор и зголемување на платите на вработените“ велат од синдикатот.
Велат дека со години наназад нивните барања се исти. Ја повикаа опозицијата да не се лепи на нивните протести.
„Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на протестите на вработените бидејќи имаа 7 години да го решат овој проблем, но наместо решение направија се што можат да го забранат колективното договарање па дури беа и првата влада кои поништија Колективен договор.
И да ја поправам вчерашната изјава на Владата бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со некој друг Синдикат.
За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година, има организирано три штрајка, најмалку 20 протести, од кој на протестот во месец декември 2023 година, над 5000 вработени од управата и правосудството излегоа на улица и побараа Достоинствени плати за живот. Барањата остануваат исти и апелираме до Владата и ресорните министерства што побрзо да започнеме преговори и да најдеме заедничко прифатливо решение за овој проблем“ порачаа од Синдикатот на УПОЗ.