УПОЗ се заканува со штрајк

by fokus

Претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски верува дека многу скоро во скратена постапка ќе бидат донесени измените на Законот за судска служба и оти додатоци за плата редовно ќе примаат и судските службеници.

Очекува дека до вторник ќе се сретнат со премиерот Зоран Заев и ќе најдат решение за проблемот со судските службеници и неисплатата на средствата од штрајкот во 2016 година, бидејќи во спротивно, ќе стапат во штрајк.

– Побаравме средба со премиерот која треба да се одржи до вторник, не со намера да го информираме, туку да седнеме, да преговараме и да најдеме заедничко решение, бидејќи во спротивно штрајкот ќе мора да се реализира. Ние од тоа не можеме да отстапиме како синдикат. Тоа го бараат членовите, изјави Грујовски пред почетокот на денешната дебата за социјален дијалог во Македонија.

Тој се надева дека Владата заедно со Министерството за правда ќе најдат решение за надминување на овој проблем бидејќи нивните напори како синдикат да го решат проблемот со претседателот на Судскиот буџетски совет Зоран Караџовски не вродиле со плод.

Тој бара одговор од Караџовски да каже дали ќе потпишат таква спогодба и дали овие пари ќе им бидат вратени на вработените. Наместо тоа, додаде, добивме известување дека судиите ги зголемија платите односно додатоците на плати.

Поврзани новости