Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) не се согласува со предлогот на СДСМ вработените во јавната администрација во следните два месеца да земаат минимална плата.
„Синдикатот на УПОЗ смета дека предложената мерка во делот на платите е дискриминаторска бидејќи јавната администрација и јавниот сектор се ставаат во понеповолна положба во однос на другите вработени. Предложената мерка за исплаќање минимална плата за април и мај за јавната администрација сметаме дека не е добро осмислена и таа остава само привид на некаква лажна солидарност. Доколку Владата го прифати овој предлог, значително ќе биде загрозена егзистенцијата на илјадници вработени во јавната администрација чии плати и онака се под просечната плата во државата“, посочуваат од УПОЗ.
Според УПОЗ, има поприфатливи решенија со кои и јавната администрација ќе покаже солидарност во овие моменти кога државата се справува со коронавирусот.
„Со оглед на тоа што над 75 проценти од јавната администрација имаат плати пониски од државниот просек и во нормални услови едвај преживуваат, Синдикатот на УПОЗ предлага да не се задира во ниту една плата која е под републичкиот просек. Синдикатот на УПОЗ укажува дека при донесување на одлуката, Владата мора да има предвид и некои други показатели, дека со исплата на минималната плата особено ќе бидат погодени самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живеат под кирија и оние кои се единствени вработени во нивните семејства“, -наведува Синдикатот на УПОЗ.