Уписи на УКИМ: Четири факултети имаат по над илјада слободни места за бруцоши

by Fokus

Од 23-те факултети кои се во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, четири нудат по над илјада слободни места за студенти кои би се запишале во прва година во академската 2022/2023 на претстојните уписи. Природно-математичкиот (ПМФ), Филолошкиот, Правниот факултет и ФИНКИ заедно располагаат со 4535 места за бруцоши или 41,53 отсто од вкупно 10 918 предвидени во Конкурсот на УКИМ за новата студиска година.

Според Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет се слободни 10 918 места: 5306 за редовни студенти финансирани од буџетот кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра се наменети 4522 места и 1090 места за вонредни студенти.

Пријавувањето на кандидатите кои се рангираат само според успехот од средното образование ќе биде на 30 и 31 август во првиот рок, иако на факултетите е веќе отворен системот за електронско аплицирање пред официјалните датуми. На 15 и 16 септември е вториот и на 28 септември – третиот рок.

Оние кандидати кои покрај успехот од средното образование се рангираат и според проверка на знаења и умеења, првиот рок за пријавување е на 25 и 26 август во првиот рок, вториот е на 14 и 15 септември и третиот рок на 28 септември.

Поврзани новости